Општина Старо Нагоричане

  • Full Screen
  • Wide Screen
  • Narrow Screen
  • Increase font size
  • Default font size
  • Decrease font size

Профил на општината

Географски карактеристики на општината

Географска положба

Територијата на општина Старо Нагоричане се наоѓа помеѓу 21047’ и 22003’ источна географска должина и помеѓу 42008’ и 42039’ северна географска ширина, односно најголем дел од општината се наоѓа на планината Козјак и нејзините јужни падини, попозната како Козјачија, а потоа на источните падини на планината Руен и низ широката долина на реката Пчиња. Од исток и југоисток општината граничи со териториите на општините Кратово и Ранковце, кон запад и југозапад е ограничена со територијата на општината Куманово, додека на северната страна истовремено е и  државната гранична линија со Република Србија (општини Трговиште, Бујановац и Прешево). Пошироко гледано, општината е една од најсеверните општини во Република Македонија.

Територијата на општина Старо Нагоричане ја опфаќа главно т.н. област Козјачија. Овој простор му припаѓа на горното сливно подрачје на реката Пчиња. По својата морфологија, територијата на општината е разновидна. На запад е долината и алувијалната рамнина на река Пчиња, а на исток е ридско - планинска релјефна структура.

 

Геотектонски карактеристики

Најстарите геолошки творби претставени со комплекс на прекамбријски гнајсеви, како база во геолошката градба на сиот терен, откриени се на североисточниот дел на територијата односно Козјачијата и планината Козјак како западни делови од Српско - Македонската маса.

На планината Руен откриена е петролошки хетерогена преодна зона на палеозојски метаморфити (нискокристалести шкрилци, мермери, кварцити и др.). Дискордантно, врз метаморфните комплекси, на југозападниот, низинскиот дел од територијата, присутна е дебела мешовита серија на плеиоцентски езерски (глиновити, песокливи и лапоровити) седименти. Источно од реката Пчиња, во градбата на теренот доминираат вулкански и вулканогено - седиментни творби (различни вариетети на андезити, бречи, андезитски туфови, трахити и др.) од познатата Кратовско - Злетовска вулканска област.

Како најмлада, завршна фаза на вулканска активност во Кратовско - Злетовска вулканска област се смета подводното изливање на базалтите околу Младо Нагоричане, по  должина на длабока разломна структура со протегање ССЗ - ЈЈИ, кон крајот на горен плиоцен. За дел од завршната фаза на вулканската активност се сметаат и термалните и термо-минералните води што се јавуваат по пчињската долина, од с. Пелинце до Клечевце и понатаму кон југ. Како најмлади геолошки творби се сметаат алувијалните наноси на реките Пчиња, Петрошница, Бистрица, Живуша и долините, претставени со песоци, чакали и песокливи глини.

Во тектонската градба доминира таканаречениот „пчињски длабински расед”, кој е тектонска предиспозиција во создавањето на долината и коритото на реката Пчиња. Тој претставува западна граница на Кратовско - Злетовската вулканска област и контролирачки фактор во создавањето и површинската емисија на термалните води, носители на хидрогеотермална енергија.

 

Клима

Во општина Старо Нагоричане средната годишна температуре на воздухот  изнесува околу 110C со средна годишна амплитуда на воздухот од околу  200C. Најстуден месец е јануари со средна месечна температуре на воздухот од 0,00C , додека најтопол месец е јули со средна месечна температура на воздухот од 220C. Месецот август, исто така е топол, со просечна температуре на воздухот која изнесува околу 220C. Средната месечна температура на воздухот во октомври е поголема од април, за 0,10C, што е карактеристика на медитеранско влијание врз термичкиот режим на воздухот.

Просечната годишна сума на врнежи изнесува околу 500 mm. Најврнежлив е месец мај со просечна месечна сума на врнежите од околу 67 mm, што е одраз на континенталното влијание врз плувиометрискиот режим. Летото е најсушниот период од годината, со минимум на врнежите во месец август, со просечна месечна сума на врнежи од 27 mm.

Врз основа на основните климатски елементи (температурата  на воздухот и врнежите) како и нејзините карактеристики, климата во општината Старо Нагоричане може да се дефинира како умерена со изменето медитерански влијанија во плувиометрискиот режим.

 

Вегетација

Општина Старо Нагоричане има умерено континентална клима што во основа најмногу влијае врз биогеографската разновидност. Според видовите на почви застапени се: алувијални наноси, црвеница и подзол. На алувијалните наноси во пониските делови се одгледуваат градинарски култури, ран зеленчук, зелка, пиперки, домати, пченка, пченица и др.

Од листопадни дрвја се застапени тополи, врби и трепетлики. На благите падини над реките, почвата преоѓа во црвеница и добра е за садење на винова лоза и овошје. На поголемите надморски височини, подзолот е идеален за садење на компири, овес и рж, како и за овоштарство. Над овие предели се протегаат предели со пасишта и ниски жбунести растенија (дива круша, шипка, капина, глог, трника и лековити растенија). Над тревните терени се листопадни шуми (даб, бука, багрем, јасен) кои се богати со шумски плодови и печурки. На највисоките предели растат четинарски шуми (бор, ела, смрека).

You are here: Општина